Вест Хем го отпушти тренерот Грем Потер по само осум месеци на клупата, откако тимот под негово водство забележа само шест победи во 25 натпревари.
Одлуката следеше по поразот од Кристал Палас (1-2) на домашен терен, со што лондонскиот клуб падна на 19. место во Премиер-лигата со само три бода од пет кола. Оваа сезона Вест Хем прими 13 голови, а постигна само пет.
Англискиот стручњак во јануари потпиша двегодишен договор и го наследи Хулен Лопетеги. Во тој период тимот беше 14. на табелата и ја заврши сезоната на истата позиција, со пет победи во 18 натпревари под водство на Потер.
Навивачите во изминативе недели јавно го искажаа незадоволството од резултатите и од раководството, а за време на мечот против Палас се слушаа и повици од трибините: „ќе бидеш отпуштен утре“.
Според британските медиуми, раководството на Вест Хем веќе водело разговори со Нуно Еспирито Санто, поранешен менаџер на Нотингем Форест, како и со Славен Билиќ, кој претходно го предводеше клубот.