Ракометарите на Данска се пласираа во полуфиналето на Олимписките игри (ОИ) совладувајќи ја Шведска во одличен четвртфинален натпревар со 32:31.
Данска подобро го отвори натпреварот и во неколку наврати во првото полувреме имаше предност и од четири гола. Се чинеше дека тоа може да биде уште една лесна победа за актуелниот светски шампион, но Швеѓаните се разбудија и го израмнија резултатот пред паузата.
Во вториот дел ниту една од двете екипи не успеа да создаде поопиплива предност, но во тензичната завршница Данците беа поконцентрирани и со тоа остварија драматична победа која ги носи во следната фаза од натпреварувањето.
Најдобар кај Данска беше Симон Питлик со девет гола и осум асистенции, а Микел Хансен постигна шест. Феликс Клер ги предводеше Швеѓаните со седум гола, додека Албин Лагергрен и Хампус Ван постигнаа по пет.
Данска, првиот фаворит за освојување на златото, во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот Словенија – Норвешка.