УЕФА среде ЕП ги испрати дома судиите кои предизвикаа многу гнев

Експериментот со доведување судии од другата страна на светот, од Јужна Америја, не се покажа како добро решение за УЕФА. Аргентинецот Факундо Телјо и неговите помошници повеќе нема да судат на Европското првенство (ЕП), откако направија големи грешки на натпреварот од 3. коло меѓу Шкотска и Унгарија.

Шкотскиот селектор Стив Кларк ги загуби нервите откако Телјо не го виде фаулот на Вили Орбан над Стјуарт Армстронг. Аргентинскиот ВАР судија, Алехандро Ернандез, кој не ги следеше упатствата на УЕФА во споменатата ситуација, исто така повеќе нема да биде дел од ЕП.

Но, тоа не е се’. Судиските шефови на УЕФА сметаат дека ударот со лакт на Грант Хенли врз Унгарецот Ендре Ботка, исто така, можел да биде окарактеризиран како пенал.

Англискиот таблоид „Сан“ пишува дека шест од 19-те судиски тимови биле испратени дома, меѓу нив и Телјо и неговите помошници, Габриел Чаде и Езекил Брајловски.

Се очекува УЕФА во текот на денот да соопшти кои судии остануваат за елиминациската фаза.

Кларк не го криеше огорченоста од судењето и не се двоумеше тоа јавно да го каже.

– Тој е од Аргентина, што би го прашувал? Веројатно не го ни зборува јазикот. Не знам. Зошто е тука, зошто немаше европски судија? беа зборовите на шкотскиот селектор за кои УЕФА би можела да го казни.

Инаку, УЕФА и КОНМЕБОЛ склучија договор за размена на судии на големите натпреварувања. Италијанскиот судија Маурицио Маријани го судеше мечот меѓу САД и Боливија на Копа Америка.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО