УЕФА го казни сплитски Хајдук со парична и условна забрана за одење на неговите навивачи на еден натпревар на гости поради однесувањето на дел од навивачите на гостувањата против ХБ Торшавн и Ружомберок во квалификациите за Лигата на конференции (ЛК).
Во образложението на Дисциплинската комисија на УЕФА се наведува дека Хајдук е казнет поради нередите што ги предизвикале навивачите на трибините, поради фрлањето предмети и употребата на пиротехнички средства. За се’ ова Хајдук ќе мора да плати 50.000 евра.
Исто така, се наведува и дека казната е условна, на две години, односно на навивачите на Хајдук ќе им биде забрането да одат на следното гостување доколку во тој период се повторат овие инциденти.
Ова е нов финансиски удар за Хајдук, кој со предвременото збогување од европското натпреварување се прости и од очекуваната финансиска награда за учеството.
Во Сплит се надеваа на убав профит од Европа, но со елиминацијата во 3. прелиминарно коло во ЛК останаа без вносна награда.
Распределбата на парите во ЛК е таква што секој минат прелиминарен круг на клубот му носи 175.000 евра. Оние клубови што ќе бидат елиминирани пред главната фаза од натпреварувањето добиваат и елиминациски бонус од 550.000 евра.
Хајдук ги мина првите две прелиминарни кола, што ќе му донесе 350.000 евра, а ако се додаде претходно споменатото обештетување по елиминацијата, излегува дека Хајдук од краткото европско патување ќе заработи 900.000 евра.