Во оранизација на младинската шаховска школа „Струга“, а во соработка со шаховската школа „Ласкер“ од Охрид, в недела во Струга ќе се одржи третото издание на зимскиот младински шаховски фестивал „Езерска кралица 2025”.
На турнирот, како што информира за МИА, директорот Ѓоко Котески, покрај деца од Струга и Охрид ќе учествуваат и шахисти од цела држава и соседството.
– Натпреварот е дел од традиционалниот турнир „Езерска кралица“, кој оваа година се одржува по 6-ти пат. Поделен е во четири категорни групи и тоа: деца на возраст до осум години, до 10, до 12 и до 14 години, истакна Котески посочувајќи дека ќе се игра по Швајцарски систем од шест кола, со темпо на игра 10+5.
Според него, предвидено било момчињата и девојчињата да играат во исти групи, но наградите за освоени места да се даваат одделно.
– Со овој турнир практично ги завршуваме турнирите на „Езерска кралица“ за 2025 година. Горд сум што „Езерска кралица“ стана препознатлив бренд во регионот и пошироко, а доказ за тоа е што годинава имаме играчи од четири шаховски федерации, изјави Котески.
Подвлече дека го исполниле ветеното за оваа година и оти се реализирани три младински турнири, најавувајќи амбициозна агенда и за идната.
– Во Македонија потребни ни се што повеќе младински турнири на кои децата ќе имаат можност да ги покажат своите знаења. За наредната година исто така имаме амбициозна агенда во организација на Меѓународни младински шаховски турнири, кои се надевам дека со помош на локалната самоуправа, државните институции и сите љубители на шахот ќе ја оствариме, додаде Котески.
Ги повика сите младинци, претставници на шаховските клубови да земат учество на турнирот, но и љубители на шахот да го проследат настанот.
Фото: Младинска шаховска школа „Струга“
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: