Трансатлантските тензии се прелеваат и во кошарката: НБА подготвува план за преземање на европскиот пазар

Американската Национална кошаркарска асоцијација (НБА) подготвува план за европско натпреварување во кошарка под нејзино покровителство, кое би било организирано по моделот што се применува на северноамериканскиот континент.

Според НБА и поддржувачите на планот, ваквото натпреварување ќе претставува суштинска инвестиција во овој популарен спорт во Европа, кој во сегашниот модел „не остварува голем профит“. Противниците на идејата, пак, сметаат дека влезот на НБА на европскиот континент би ги задушил националните кошаркарски лиги и би ги пренасочил парите кон американските компании.

Европскиот модел се базира на принципот на испаѓање и напредување од лиги од различни нивоа и на плаќања преку пирамидална структура. Од друга страна, американскиот модел се потпира на франшизите кои одржуваат трајни места во затворени лиги, генерирајќи значителни приходи за сопствениците на тимовите и создавајќи високо платени суперѕвезди кои можат да се споредуваат само со врвните играчи на европските фудбалски клубови.

Како што наведува бриселскиот портал „Политико“, претставници на НБА за ваквиот предлог веќе разговарале со сопственици и функционери на најголемите кошаркарски клубови во Европа, што предизвикало вознемиреност кај останатиот дел од европскиот спортски естаблишмент.

Висок европски владин претставник, противник на идејата за „НБА-Европа“, за порталот изјавил дека од натпреварувања во затворени лиги користат имаат само комерцијално успешните клубови, а се нанесува значителна штета на спортот на национално ниво.

Според Договорот за функционирање на ЕУ, спортот е во надлежност на националните влади на земјите членки на Унијата, но блокот има ингеренции врз начинот на функционирање на спортскиот пазар и заштита на неговите вредности.

Еврокомесарот задолжен за спорт Глен Микалеф за „Политико“ изјавил дека мора да се почитуваат законодавството и вредностите на ЕУ, како што се солидарноста, отвореноста и праведноста.

– Актуелната дебата сугерира дека сегашната рамнотежа треба да се рекалибрира, ставајќи поголем акцент на тие вредности и на заштитата на интегритетот на европскиот спорт и неговиот пирамидален модел, оценил Микалеф.

Инаку, ова не е прв случај на обид за пренесување на американскиот спортски модел во Европа. Таков обид имаше во 2021 година со предлогот за формирање европска полузатворена фудбалска Суперлига, но идејата наиде на силен отпор и пропадна уште пред и да почне сериозно да се разгледува.

Во еден од најинтересните натпревари во историјата на кошаркарската Евролига, Барселона синоќа на домашен терен ја победи Басконија дури по три продолженија.

Но, познавачите на состојбите оценуваат дека кошарката е малку поинаков случај, имајќи предвид дека водечкото европско кошаркарско натпреварување Евролигата, веќе е во полузатворен формат, што наидуваше на жестоки критики при неговата промоција пред 20-тина години.

„Политико“ наведува дека претставници на НБА во текот на изминатава година имале средби со сопственици на големи европски клубови, со кои разговарале за нивно приклучување кон кошаркарскиот проект.

Извори во шпанската лига за порталот изјавиле дека нивни претставници имале состанок со НБА на која нагласиле дека предложениот натпреварувачи формат е во спротивност со европскиот спортски модел и дека доколку се организира ќе наиде на жестоко противење од институциите на ЕУ и другите спортски асоцијации од цела Европа.

НБА во понеделникот соопшти дека нејзиниот комесарот Адам Силвер и неговиот заменик Марк Тејтум „редовно разговараат“ со сопственикот на „Пари Сен Жермен“, Насер ал-Келаифи, со цел да го убедат да го поддржи проектот. Според Асоцијацијата, за ова прашање било разговарано и со претставници на Барселона и на Реал Мадрид.

– Нашите разговори со разни засегнати страни во Европа го зајакнаа нашето уверување дека постои огромна можност околу создавањето нова лига на континентот, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека за идејата се разговара и со меѓународната кошаркарска федерација ФИБА.

– Заедно со ФИБА со нетрпение очекуваме да ангажираме потенцијални клубови и групи на сопственици кои ја делат нашата визија за потенцијалот на кошарката во Европа, се додава во соопштението на НБА.

Во него се пренесува и изјава на генералниот секретар на ФИБА, Андреас Загклис, кој рекол дека предложениот формат на лигата ги почитува принципите на европскиот спортски модел и „на секој амбициозен клуб на континентот му нуди фер пат до врвот“.

– Проектот е замислен на начин што ќе ја подобри одржливоста на целиот европски кошаркарски екосистем, вклучувајќи ги играчите, клубовите, лигите и националните федерации, со генерирање на ефект што ќе им користи на љубителите на кошарката низ цела Европа, изјавил Загклис.

Андреас Загклис (ФБ)

НБА и ФИБА во соопштението најавуваат и дека планираат да обезбедат финансиска поддршка и ресурси за развој на „целиот европски кошаркарски екосистем“, со цел „да ја смират регулаторната загриженост на ЕУ“.

Но, ЕУ и нејзините институции засега не делуваат убедени во економските придобивки за Европа од американскиот предлог.

Според полскиот европратеник Богдан Здројевски од Европската народна партија (ЕПП), ваквата идеја носи ризик приходите од телевизиските права и спонзорствата генерирани во Европа, систематски да се насочуваат кон холдинг-компании со седиште во САД.

– Овој економски модел веројатно ќе доведе до корпоративна промена со исклучување на традиционалните клубови во корист на глобалните инвестициски фондови и клубовите со државна поддршка, кои ќе бидат единствените што ќе можат да си ги дозволат превисоките трошоци за франшизи, како се проценети на од 500 милиони до една милијарда долари, изјави Здројевски за „Политико“.

За идејата за „НБА-Европа“ се разговарало и на состанокот на министрите за спорт на членките на ЕУ, одржан минатиот месец во Брисел, на кој неколку земји, меѓу кои и Италија, Франција и Словенија, се изјасниле против ваквите планови.

Извршниот директор на кошаркарската Евролига, Паулиус Мотиејунас изјави дека европската кошарка е изградена врз историјата, идентитетот и заедниците.

– Навивачите овде не се пазар што треба да се освои. Тие се луѓето што ги одржуваат клубовите со децении и низ генерации. Секој нов проект треба да се базира на почитување на тоа и на зајакнување на целата пирамида: елитното натпреварување, домашните лиги и базата, изјави Мотиејунас за бриселскиот портал.

Сепак, според него, соработка е можна доколку целта на американскиот предлог навистина е да се развива кошарката во Европа.

– Тоа мора да биде партнерство, а не преземање или, како што некој спомена, доминација, додаде Мотиејунас.

Во контекст на дебатата за „НБА-Европа“, неодамна се огласи и литванскиот претседател Гитанас Науседа кој ги повика кошаркарските организации од двете страни на Атлантикот да соработуваат, наместо да се натпреваруваат и при тоа „да ги земат предвид и да ги ценат длабоките традиции на европската кошарка и да не забораваат дека вредностите се пред комерцијалните интереси“. сп/ми/

Фото: Архива/Фејсбук

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО