Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен, доколку биде потребно, да ги премести натпреварите од Светското првенство 2026 од градови кои ги смета за небезбедни.
„Светското првенство ќе биде безбедно. Ако утврдаме дека не е безбедно натпреварите да се играат во одредени градови, ќе ги преместиме во други,“ им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, притоа особено критикувајќи ја статистиката за криминал во Чикаго, кој инаку не е домаќин на Мундијалот.
„Ако мислиме дека некој град ќе биде барем малку небезбеден за Светското првенство или Олимписките игри, а особено за Светското првенство бидејќи турнирот се игра во толку многу градови, нема да дозволиме таму да се играат натпревари, ќе ги преместиме,“ изјави тој.
Меѓу градовите домаќини на натпревари се и демократски упоришта како Лос Анџелес (осум предвидени натпревари), Сан Франциско (шест) и Сиетл (шест).
Администрацијата на Трамп оваа година распореди Национална гарда за одржување ред во неколку градови под демократска управа, меѓу кои и Лос Анџелес, и покрај противењето на локалните власти.
САД ќе бидат домаќин на Светското првенство во фудбал 2026 година (11 јуни – 19 јули) заедно со Мексико и Канада. Претседателот Трамп самиот се именуваше за раководител на работната група на Белата куќа за Светското првенство, натпреварување кое го организира Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).