Тен Хег верува дека Јунајтед ќе има успешна сезона: Јас не сум Хари Потер!

Ливерпул му одржа лекција на Манчестер јунајтед победувајќи го со убедливи 3:0 на „Олд Трафорд“ во третото коло од Премиер лигата.

Луис Дијаз постигна два гола, во 35. и 42. минута, а третиот беше дело на асистентот на двата гола на Дијаз, Мохамед Салах во 56. минута.

Трагичар на натпреварот беше искусниот бразилски играч за врска, Каземиро, кој направи две грешки во првото полувреме и на тој начин му овозможи на гостинскиот тим да постигне два гола и да го реши натпреварот.

Избраниците на менаџерот/тренер на „црвените“, Арне Слот, кој летово го наследи Јирген Клоп, имаат максимални девет бода и се на второто место со гол разлика 7:0.

Лидер е Манчестер сити, кој исто така има три победи, и гол разлика од 9:2. Ова беше втор пораз за Јунајтед, па со само три бода е на 14. позиција.

Менаџерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг по поразот на пресот рече оти верува дека неговиот тим има шанси сезонава да освои некој трофеј. Тој не гледа многу негативно на натпреварот со Ливерпул и порача дека никој не треба да очекува од него волшебни резултати.

– Јас не сум Хари Потер, мора да признаете. Тројца играчи прв пат беа стартери сезонава. Мануел Угарте (нов играч, претставен пред натпреварот со Ливерпул) нема одиграно ниту една минута.

Ќе му треба да влезе во форма, а потоа ќе најдеме место за него во тимот. Сигурен сум дека ќе придонесе, но ќе бидат потребни неколку недели, можеби и еден месец, рече Тен Хег.

Тен Хаг на прес-конференцијата по мечот тврдеше дека неговиот тим е подобар од пред две години кога го презеде, бидејќи „во спротивно немаше да освојува трофеи и да победува поголеми противници“.

Манчестер јунајтед „тапка во место“ откако во 2013 година го напушти легендарниот менаџер, Алекс Фергусон. Отогаш па досега се сменија повеќе тренери, а Тен Хег е во клубот од 2022 година.

Вкупно под негово водство Јунајтед одигра 118 натпревари, забележа 69 победи, 15 нерешени и 34 порази. Во сезоната 2023/2024. го освои ФА купот, а во 2022/23-та Лига купот.

– Ова е трет натпревар во сезоната. Мораме да изградиме нов тим. Ќе бидеме добри, но јасно е дека треба да се подобриме. Јас сум уверен дека на крајот од сезоната ќе имаме одлична можност да подигнеме уште еден трофеј, изјави Тен Хаг.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО