Тедеско пред отказ по поразот од Динамо

Само две недели откако го замени Жозе Мурињо на клупата на Фенербахче, италијанско-германскиот стручњак Доменико Тедеско би можел експресно да го напушти клубот од Истанбул.

Како што објавува турскиот портал „Т24“, поразот од 3:1 против Динамо Загреб во Лигата на Европа дополнително ја потресе неговата позиција, која беше оценета како нестабилна и пред тоа.

Тедеско го презеде Фенербахче на 8 септември, откако португалскиот тренер Жозе Мурињо беше отпуштен по неуспехот во плејофот за пласман во Лигата на шампионите.

Во претходните четири натпревари на клупата на турскиот гигант, Тедеско забележа само една победа, против Трабзонспор, со два нерешени резултати и еден пораз. Слабите резултати предизвикаа незадоволство кај управата, а турските медиуми наведуваат дека веќе се започнати сериозни дискусии за евентуално раскинување на соработката.

Клучниот тест за Тедеско е претстојниот натпревар против Анталијаспор во турското првенство, закажан за овој викенд. Во случај на уште еден разочарувачки резултат, се чини дека разделбата е сигурна.

Тактичките одлуки на Тедеско против Динамо беа особено критикувани, меѓу кои и поставувањето на стоперот Чаглар Соџунџу на позицијата десен бек, додека Нелсон Семедо беше преместен од својата природна позиција во средниот ред.

Ситуацијата е дополнително комплицирана со неодамнешната промена во раководството на клубот – новиот претседател и одборот на директори бараат брзи резултати, а досегашните перформанси на Тедеско не ги исполнуваат нивните очекувања.

Пред да се приклучи на Фенербахче, Тедеско беше селектор на Белгија, а претходно тренираше клубови како Шалке, РБ Лајпциг, Спартак Москва и Ерцгебирге Ауе.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО