Одбојкарите на Струмица 47&73 го совладаа на гости освојувачот на купот Штип УГД, во четвртиот меч од финалната серија со 3:1 (25:15, 25: 21, 21:25 и 25:17), за вкупни 3:1 и стигнаа до 11-та титула првак на Македонија, односно до јубилејниот 20-ти трофеј.
Струмица славеше синоќа во салата „Јордан Мијалков“ во Штип, со четири сета, како што беше на другите дуели. Струмичани ги добија првите два сета, потоа штипјани намалија, но немаа сили да му парираат на поквалитетниот противник којшто со првиот гостински успех во плеј-офот стави крај на возбудливото првенство.
Конор Хенкс со вкупно 61 поен беше најефикасен кај Струмица во четирите меча, а кај Штип УГД, Махди Задмард освои 67.
Во оваа пригода треба посебно да се истакне Кире Ричлиев, легенда на струмичката, но и на македонската одбојка, кој има удел во сите успеси и освоени трофеи, најпрвин како играч, потоа и како тренер на Струмица.
Во историјата на македонската одбојка ќе биде запишано дека од 2012-та па досега, Струмица само трипати не беше освојувач на двојната круна.