Стерлинг повторно изоставен од тимот на Челси

Рахим Стерлинг е изоставен од тимот на Челси за првиот плеј-оф натпревар во Лигата на конференции (ЛК) против швајцарскиот Сервет, во четврток.

Тоа е вториот последователен натпревар на кој 29-годишниот англиски напаѓач не е во составот на „сините“ од Лондон. Тој не беше во составот ниту на првиот меч сезонава  во Премиер лигата, против Манчестер сити (0:2).

Дефанзивците Бен Чилвел, Весли Фофана и Тосин Адарабијо, исто така, не се на листата на фудбалери на Челси доставена до УЕФА за натпреварот на „Стемфорд бриџ“.

Доколку Челси ја мина оваа пречка, можно е Стерлинг да биде дел од тимот за групната фаза во ЛК.

Претставниците на Стерлинг во изјавата пред неделниот пораз од Сити рекоа дека сакаат „јасност“ околу иднината на играчот во клубот. Челси потроши околу 185 милиони фунти на 11 засилувања летово, што значи дека новиот менаџер, Енцо Мареска има тим од над 40 играчи!

Стерлинг има одиграно 81 натпревар за Челси откако дојде од Сити за 50 милиони фунти во јули 2022 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО