Српските медиуми: Срамните судии си ја завршија работата!

Кошаркарите на САД во драматичен меч ја победија Србија со 95:91 и се пласираа во финалето на Олимписките игри (ОИ). Србите водеа речиси цел натпревар, но САД одиграа фантастични последни 10 минути и стигнаа до победа вредна за финалето, каде што ќе играат против Франција.

Избраниците на Светислав Пешиќ беа на прагот на сензационална победа над една, според многумина најсилните селекции на САД во историјата. Со фантастичен процент на шут и со добра одбрана ја одржуваа предноста, но Американците беа поконцентрирани во последната четвртина и на тој начин избегнаа пораз.

Српските медиуми го обвинуваат судиите за поразот. Сметаат дека тие суделе тенденциозно и дека во вториот дел ги поттурнале Американците кон финалето. „Блиц“, еден од најчитаните српски медиуми, пишува за тоа под наслов „Судиите ставија фантомки и и’ ја  украдоа победата на Србија против Американците“.

Во текстот тие посочуваат: „Во третата четвртина беше забележан „вооружен грабеж“ на нашата репрезентација. Џоел Ембид, центарот на САД, направи очигледни чекори, можеби најголеми на олимпискиот турнир, но судиската тројка не ги додели, па тој постигна два поена“.

И другите српски медиуми ги обвинуваат судиите: „Херојска Србија беше на чекор до финалето, но срамните судии си ја завршија работата! Американците со помош на неуките ги здробија храбрите „орли“!, пишува Курир.

„Ох, каков срам! Србија ја уништи Америка и водеше 37 минути, а нереалниот Кари и судиите им ја украдоа победата на „орлите“, истакнува „Информер“.

„Срам да им е на Американците! Шарлатан од Панама му помогна на Леброн, судиите мораа да го поттурнат најмоќниот тим на сите времиња“, тврди Ало.

„Пораз за срцев удар; Србија покрадена? Америка за малку ќе поклекнеше, Богдановиќ во солзи“, пишува Б92.

„Србија играше фантастична кошарка 36 минути, судиите му помогнаа на САД да се пласира во финалето“, се жали Моцарт.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО