„Експертите“ и тв- коментатори, Гери Невил и Џејми Карагер, своевремено бекови на Манчестер јунајтед и на Ливерпул, „заклучија“ дека има кавга во соблекувалната на Сити меѓу менаџерот Пеп Гвардиола и ѕвездата Кевин Де Брујне.
Наводно кавгата е причината поради која шпанскиот стручњак малку го користи белгискиот играч за врска на последните натпревари.
Тој заклучок тие го образложија по поразот на Сити од Ливерпул (0:2) во неделата. Тоа беше седми последователен натпревар за Сити без победа, односно шести пораз во таа серија.
Де Брујне на тие мечеви одигра само 11 минути. Извесно време паузираше поради повреда, но тренираше некое време и многумина се прашуваат дали е подготвен за поголеми напори.
Де Брујне дојде во Манчестер сити во 2015 година и оттогаш се трансформира во еден од најдобрите играчи од средниот ред во историјата и играч кој го предводеше тимот до многубројни успеси.
По освоените шест титули во Премиер лигата, една во Лигата на шампиони (ЛШ) или вкупно 15, 33-годишниот белгиски играч од средниот ред моментално е во последната година од договорот со клубот.
Гвардиола го отфрла заклучокот на Карагер дека „нешто не е во ред меѓу нив двајца“ и размислувањата на Невил дека „нешто се случува во соблекувалната“.
– Некои велат дека имам проблем со Кевин. Мислите ли дека јас сакам да играм без него? рече Гвардиола на оваа тема и саркастично додаде: „Не, јас не сакам тој да игра. Не го сакам на терен играчот со најголем талент во задната третина од теренот. Не, имам проблем со него по девет години заедно“.
„Очајно посакувам да биде во најдобра форма. Знам дека и тој го сака тоа. Тој му донесе големи успеси на клубот. Би сакал да го вратам на пак во врвна форма, како на 26 или на 27 години.
И тој би сакал да биде таков. Но, веќе нема 26 или 27 години. Го мачеа повреди, му треба време да се врати во најдобрата форма. Ќе се обиде во тоа. Чекор по чекор“, заклучи Гвардиола.