Пол Сколс, легендата и еден од најдобрите играчи во историјата на Манчестер јунајтед, во мај годинава побара од печатот да престанат да го споредуваат тинејџерот од Јунајтед, Коби Маино (19) со него.
Тој тврди дека младиот играч за врска од „Олд Трафорд“ е многу подобар играч од него кога бил на негова возраст.
– Прочитав за некои споредби меѓу него и мене. Не трошете време, тој е десетпати подобар од мене кога имав 19 години. Го сакам начинот на кој ја прима топката, неговата смиреност, свесност аза тоа што се случува околу него на теренот. Се разбира тука се и головите на важните натпревари. Тоа момче е посебно, кажа тогаш Сколс на Инстаграм.
Сега Сколс повторно проговори за Маино, овојпат во интервју за „Гардијан“ и дополнително го пофали и најави одлична кариера за него.
– Маино е нешто најблиску до Зидан што сум го видел, кога станува збор за превземање на топката, примањето на топката и дриблингот, за играчи на средината од теренот, рече Сколс и додаде:
„За Маино слушнав кога ми кажаа дека има некое дете кое на тренинзите му задава проблеми на Каземиро, честопати излегува дека е подобар од него.
Се сеќавам на смиреноста што ја видов кога првпат го гледав. Довербата што ја има со топката, не можев да верувам дека толку млад играч може да го има тоа“.
Минатата сезона Маино одигра 24 првенствени натпревари за Јунајтед, постигна три гола и забележа една асистенција. Сколс целата кариера ја мина во Јунајтед, за кој одигра 716 натпревари, постигна 155 гола и имаше 81 асистенција.
Со Јунајтед освои 25 трофеи, вклучувајќи 11 титули во Премиер лигата. Двапати ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), а двапати го загуби финалето.