Македонската фудбалска репрезентација одигра херојски во Гент и ремизираше против Белгија (0-0), задржувајќи го првото место во квалификациската група Ј. „Црвено-жолтите“ одиграа организирано и борбено, посебно во одбраната, и го спречија фаворитот да постигне гол.
По шест кола, Македонија има 12 бодови – еден повеќе од Белгија и два пред Велс, кои имаат натпревар помалку. Клучниот дуел за расплетот ќе биде меѓусебниот меч на Велс и Белгија. Победа на Велс би бил најповолен исход за Македонија, која потоа со победи против Казахстан и Велс би обезбедила директен пласман на Мундијалот.
Следен натпревар за нас е Македонија – Казахстан во Скопје (20:45 ч.) во понеделник, а потоа големото гостување во Велс на 18 ноември.