Шпанија ќе биде казнета доколку нивната ѕвезда игра по 23 часот!

Со одигрувањето на сите натпревари од второто коло комплетирани се речиси половина од натпреварите на Европското првенство (ЕП) во Германија. И додека некои репрезентации разочараа и потфрлија, со голема сигурност може да се каже дека еден од најдобрите впечатоци остави Шпанија.

Селекторот Луис де ла Фуенте донесе млад и потентен тим на шампионатот, а една од главните ѕвезди е 16-годишното „чудо од дете“, Ламине Јамал.

Крилниот напаѓач на „фуријата“ импресионира од меч во меч, неговите години на теренот не претставуваат никаква пречка, но надвор од теренот, поради неговата младост, и поради бизарна причина, би можел да се соочи со германскиот закон.

Во Германија лицата помлади од 18 години, без разлика дали се странци или Германци, не смеат да работат по 20 часот поради безбедноста на работното место.

Сепак, има исклучоци за спортистите на кои им е дозволено да „работат“ најдоцна до 23 часот, време кое вклучува туширање и медиумски обврски на играчите.

Во групната фаза тоа засега не е проблем, но доколку Јамал игра во нокаут фазата, што е многу веројатно, и доколку мечот што почнува во 21 часот оди во продолженија, речиси сигурно би ја минал поставената граница. Поради тоа Шпанија би била изложена на потенцијална казна од 30.000 евра доколку германските власти одлучат да дејствуваат?

Сепак, колку и да е реална приказната, најверојатно ќе нема правна постапка против Јамал, имајќи предвид дека доцните мечеви нема да бидат штетни за безбедноста или за благосостојбата на играчите.

Се’ на се, уште една интересна работа поврзана со Јамал е тоа што тој неодамна изјави дека за време на турнирот паралелно ги извршува и училишните обврски!

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО