Американката Микаела Шифрин победува и поставува нови рекорди и стандарди во алпското скијање.
Во зимскиот центар Јасна, во Словачка, таа триумфира во слаломската трка во Светскиот куп (СК), петта сезонава, вкупно 58-ма во оваа дисциплина, што рекорд во женска и во машка конкуренција.
За Шифрин тоа беше и рекордна 95-та победа во СК и 150-то искачување на победничкиот подиум, само пет помалку од рекордерот, легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк.
Шифрин, исто така, постави рекорд за најмногу подиуми во СК во една дисциплина (слалом) со 82, една повеќе од Стенмарк во 1970-те и 80-те години од минатиот век.
По победата Шифрин изјави дека ќе и’ недостига ривалството со Петра Влхова, која тешко го повреди коленото на велеслаломската трка во Јасна и прерано ја заврши сезоната.
Влхова е третата поранешна победничка во СК во генерален пласман која се повреди сезонава. Кај мажите се повредија Алексис Пинтуро и Александар Амод Килде кои мораа да бидат оперирани.
Шифрин и Влхова последните години доминираат во женското скијање, победувајќи на 14 од последните 15 трки во слалом, вклучувајќи ги и сите осум сезонава. Таа серија ја прекина само Германката Л ена Диер со триумфот во Спиндлерув Млин, Чешка пред една година.
-Многу размислував за неа во последните 24 часа. Искрено ова е огромен удар за спортот. Јас лично, во текот на годините, ги засакав битките со неа и навистина многу ќе ми недостига, рече Шифрин.
По повредата на Влхова, Шифрин е блиску до освојување на осмиот мал „кристален глобус“ како најдобра во слалом. На три трки до крајот таа има 228 поени повеќе од Диер.
.