Салах ја игра последната сезона во дресот на Ливерпул?!

Ливерпул вчера попладне го декласира Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ (3:0), но во славјето, навивачите на „црвените“ имаат и причина за загриженост.

Мохамед Салах (32), еден од најдобрите играчи на „Енфилд“ и еден од најголемите фудбалери во клупската историја навести дека ова може да биде негова последна сезона во црвениот дрес. Тој има договор со Ливерпул до 30 јуни 2025 година.

Објавата дојде по уште една негова брилијантна игра. Египќанецот учествуваше во трите гола за „црвените“ на „Олд Трафорд“. Покрај третиот гол што го даде, тој двапати му асистираше на Луис Дијаз, и беше прогласен за најдобар играч на натпреварот.

По дербито тој беше прашан за иднината во клубот. Тоа е „топ тема“ во последно време, бидејќи постојано беше поврзуван со трансфер во Ал-Итихад, во Саудиска Арабија.

– Како што знаете, според договорот ова ми е последна година во клубот. Сакам само да уживам и не сакам да размислувам за тоа. Со никого во клубот сè уште не сум зборувал за евентуалното продолжување на договорот, така што би можело да биде тоа, можно е да ја играм последната сезона, изјави Салах за „Скај спортс“.

Минатата година се зборуваше дека Ливерпул одбил саудиска понуда вредна околу 200 милиони евра. Сега, ако ништо не се промени во врска со новиот договор, Салах ќе си замине како слободен играч, по осум сезони откако од Рома пристигна во Ливерпул.

Во јули 2022 година, Салах потпиша нов тригодишен договор, што го прави, наводно, најплатен играч во клупската историја, со плата од 350.000 фунти неделно.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО