Роберто Карлос закрепнува по превентивна интервенција на срцето

Поранешниот бразилски фудбалски репрезентативец Роберто Карлос објави денеска дека добро закрепнува, откако беше подложен на „превентивен медицински зафат“, негирајќи дека преживеал срцев удар.

-Би сакал да ги разјаснам неодамнешните информации што се појавија. Неодамна бев подложен на превентивна медицинска процедура, која претходно беше планирана со мојот медицински тим. Процедурата беше успешна и јас сум добро. Немав срцев удар. Во добра состојба сум, се опоравувам и се радувам на брзо враќање во целосна форма и продолжување на моите професионални и лични обврски, напиша Карлос на својот Инстаграм профил.

Светските медиуми вчера објавија дека Карлос имал операција на срцето во болница во Сао Паоло и оти интервенцијата не била претходно планирана.

Поранешниот лев бек на Реал Мадрид ѝ се заблагодари на јавноста за поддршката и истакна дека нема причина за загриженост.

-Искрена благодарност до целиот медицински тим што се грижеше за мене, додаде 52-годишниот поранешен бразилски репрезентативец.

Карлос од 1998 до 2007 година настапуваше за Реал Мадрид, со кој освои четири титули во шпанското првенство и три трофеи во Лигата на шампиони, одигрувајќи вкупно 527 натпревари за мадридскиот тим.

Со Бразил го освои Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година.

ФОТО: ЕПА

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО