Рибакина нова шампионка на Австралија опен

Тенисерката од Казахстан Елена Рибакина е новата шампионка на Австралија опен откако со 2:1 во сетови (6:4; 4:6 и 6:4) ја совлада првата тенисерка на светот Белорусинката Арина Сабаленка. За Рибакина ова е втора Гренд слем титула откако беше победничка на Вимблдон 2022 година, а воедно и се реваншираше на Сабаленка за поразот во финалето во Мелбурн во 2023 година.

Сабаленка остана на две титули на Австралија опен, а го играше четвртото финале во низа.

Мечот траеше 2 часа и 19 минути, а почна со брејк на Рибакина во првиот гем што беше доволен за да го освои сетот со 6:4 во гемови. Во вториот сет немаше брејк до десеттиот гем кога при водство од 5:4 Сабаленка го освои гемот на сервис на ривалката без да и дозволи да освои поен.

Во решавачкиот сет Сабаленка почна одлично и поведе со 3:0 во гемови, но Рибакина направи пресврт и освои пет гемови во низа и поведе со 5:3. Во десетиот гем Рибакина ја искористи меч топката и мечот го заврши со ас сервис.

Утре во машкото финале ќе играат Карлос Алкараз и Новак Ѓоковиќ, а почетокот е во 9:30 часот по македонско време.

Фото: ЕПА

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО