Винициус Жиниор (24), крилниот напаѓач на Реал Мадрид ја добил најбогатата понуда во историјата на фудбалот, објавија сите релевантни шпански и бразилски медиуми.
Инсајдерот Марио Кортегана откри дека делегација на Државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, во име на тамошното Министерство за спорт, контактирала со агентите на Вини со желба нивниот штитеник да стане заштитно лице на саудиската лига.
Тоа го посакуваат екстра богатите Саудијци за да го поткренат имиџот на земјата и на нејзиниот фудбал пред Светското првенство (СП) 2034 година, кое ќе се организира во таа земја.
Глобо, бразилскиот медиумски гигант, ги откри деталите за фантастичната понуда. На Винициус му бил понуден петгодишен договор, според кој ќе заработи милијарда евра, 13 пати повеќе отколку во Реал!
На социјалните мрежи се шири вирален твит во кој пишува дека доколку Винициус ја прифати понудата би заработувал 23.000 евра во минута, 549.000 евра дневно и 3,8 милиони евра неделно!
Освен што би бил феноменално платен доколку заигра во саудиската лига, за споменатите пари тој би бил и заштитното лице на Мундијалот 2034-та. Но, тоа не сè со што сакаат да го привлечат.
Саудијците посочуваат дека тој би бил слободен играч во 2029 година и на тој начин би можел да се врати во Европа без обештетување и во играчкиот зенит. Како дел од понудата, тој сам би избрал работа во саудискиот фудбал откако ќе ја заврши кариерата.
„Марка“ вчера попладне напиша дека Реал и Винициус го „отфрлиле најголемиот трансфер во историјата на спортот“, но „Ас“, друг спортски медиум од Мадрид, синоќа го тврдеше спротивното:
„Претседателот Флорентино Перез одбил да преговара за трансферот на Винициус, но ги пренасочил Саудијците на извршниот претседател, Хозе Анџело Санчез.
Првиот операртивен на Реал, им одговорил дека за да го доведат Винициус, ќе треба да ја платат клаузулата за компензација, која изнесува една милијарда евра“.
Бразилскиот ЕСПН во „вонредните вести“ објави: „Винициус се’ уште не ја одбил понудата. Саудијците преговараат со Реал“.
„Марка“ го открива и името на клубот кој ја испратил понудата: „Од почетокот на саудиската офанзива на пазарот, Ал Итихад и Ал Наср беа најагресивни, додека Ал Хилал беше во втор план.
Четвртиот гигант, Ал Ахли, својата шанса ја чекаше од страна. Ја дочека летово, кога испрати понуда до Кевин Де Брујне. Тој беше заинтригиран, но ја одби. Затоа Ал Ахли сега се насочи кон Винициус“.
Винициус дојде во Реал пред шест години, од Фламенго за 45 милиони евра. Оттогаш, тој одигра 264 натпревари за Реал, постигна 83 и асистираше за 75 гола. Тој освои три шпански и две европски титули.