РБ го отпушти Рикиардо

Она што го најавуваа медиумите пред викендот во Сингапур вечерва доби официјална потврда. РБ го отпушти Даниел Рикиардо, на неговото место го донесе Лијам Лосон.

Еден од најискусните возачи во Формула 1 најави во Сигапур дека ќе ја заврши кариерата доколку добие отказ.

– Цел живот го сакам овој спорт. Беше диво, прекрасно и вистинско патување. Им благодарам на сите тимови и поединци кои имаа своја улога. На навивачите кои го сакаат спортот понекогаш повеќе од мене, хаха, благодарам. Секогаш ќе има подеми и падови, но беше забавно и вистината е дека не би менувал ништо. До следната авантура, рече Австралиецот во Сингапур.

Рикиардо го имаше своето деби во Формула 1 како возач на тимот ХРТ на Големата награда на Британија во 2011 година, а потоа возеше за Торо Росо, Ред Бул, Рено и Мекларен, пред да се врати во тимот од Фаенца, но под името Алфа Таури, а потоа и РБ.

На 258 трки забележа осум победи, вкупно 32 подиуми, а освои и три пол-позиции. Најдобриот пласман во првенството го имаше во 2014 и 2016 година, кога сезоната ја заврши на третата позиција.

Што се однесува до неговата замена, Лосон е студент на програмата за млади возачи на Ред Бул и минатата година возеше пет трки за Алфа Таури, а неговиот најдобар пласман беше деветтото место во Сингапур.

Првенството во Формула 1 ќе продолжи со Големата награда на САД во Остин на 18-20 октомври.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО