Разочараниот Салах преговара со ПСЖ?

Договорот на Мохамед Салах (32) со Ливерпул му истекува за шест месеци и неизвесно е дали воопшто ќе го продолжи.

Египетскиот крилен напаѓач кој во последните седум години настапува за „црвените“ во англиската Премиер лига, на 369 натпревари постигна 224 гола и асистираше за 100 гола. Во тековната сезона игра во одлична форма, има дадено 13 гола, плус 11 асистенции на 20 настапи.

Но, тој е разочаран што челниците на клубот одолговлекуваат околу продолжувањето на договорот, по што почна да се шпекулира дека францискиот ПСЖ би можел да ја искористи таа ситуација и да го доведе идното лето без обештетување.

Весникот Л’Екип (L’Equipe), повикувајќи се на англиски извори, пишува дека парижаните почнале преговори со Салах. Со оглед на тоа што ПСЖ има сопственици од Катар и со години ги прави најголемите трансфери во светот, не му е проблем да му даде голема плата на Салах.

Капологија (Capology), неофицијален извор на платите на фудбалерите, наведува дека Салах заработува 18,2 милиони фунти годишно (речиси 22 милиони евра) во Ливерпул. ПСЖ има неколку играчи со слични плати, а највисока има Осман Дембеле, кој заработува 20 милиони евра годишно, според истиот извор.

„Речиси е декември и сè уште немам добиено ниту една понуда да останам“, се пожали Салах на крајот од ноември, додавајќи дека е „разочаран“ и оти во моментов е „повеќе надвор отколку внатре“ во клубот.

„Немам намера наскоро да се пензионирам, само играм, фокусиран сум на сезоната и се надевам дека ќе ја освојам Премиер лигата и Лигата на шампиони. Разочаран сум, но ќе видиме“, додаде тој и заклучи: „Јас сум тука долго време, нема клуб како Ливерпул, ги сакам навивачите и тие мене, но ништо не е во мои и во нивни раце“.

Салах трипати беше најдобар стрелец во Премиер лигата, двократен е добитник на наградата за најдобар африкански фудбалер, ја освои ЛШ со Ливерпул во 2019 година и уште 10 клупски трофеи. На 101 настап за Египет постигна 58 голови, а според Трансфермартк неговата вредност ја проценува на 55 милиони евра.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО