Шпанскиот фудбалски сојуз денеска го назначи Рафаел Лузан за нов претседател, до 2028 година. Лузан доби 90 гласа, а неговиот противкандидат, Салвадор Гомар собра 43 гласа на Генералното собрание.
Во мај 2022 година, тој беше прогласен за виновен за проневера во врска со договорот за реконструкција на фудбалскиот терен во градот Морана. Иако беше ослободен од обвиненијата за измама, му остана казната од седум години за вршење јавна функција.
Лузан се изјасни за невин и поднесе жалба, што му овозможи да се кандидира за претседател на шпанскиот ФС. Врховниот суд на Шпанија треба да ја разгледува неговата жалба на 5 февруари следната година.
ФС на Шпанија нема претседател од јули, по разрешувањето на Педро Роча, кој беше обвинет од Управниот суд за спорт дека ги пречекорил своите овластувања со разрешување на тогашниот генерален секретар на ФС, Андре Кампос.
Роча беше избран за претседател во април кога го замени Луис Рубијалес, кој поднесе оставка откако без нејзина дозвола ја бакна фудбалерката Џена Ермосо при доделувањето на златните медали на шпанската репрезентација на Светското првенство (СП) во август минатата година.