Првиот светски рекет помилуван, колегите се бесни: „Различни правила за различни играчи…“

Зад Италијанецот Јаник Синер (23) е најдобрата година во кариерата. На почетокот од сезоната тој ја освои првата грен слем титула, откако го симна од тронот Новак Ѓоковиќ, победувајќи на Австралија опен, а потоа се зацврсти и како светски рекет број 1 на АТП-листата.

Сега е откриено дека Синер во март доживувал драма. Тој паднал на допинг тестот откако во неговата крв била откриена мала, но, сепак нелегална количина клостебол.

Тоа е стероид кој честопати се користи за градење мускулна маса. Осум дена подоцна бил земен вториот примерок, а Синер повторно бил позитивен.

Тој беше автоматски суспендиран, но поднесе жалба и му беше дозволенои да продолжи да игра. Интернационалната тениска агенција за интегритет (ИТИА) откри дека крвта на Синер била ненамерно контаминирана од неговиот физиотерапевт, Џакомо Налди.

Налди имал расекотина на раката која ја лечел со спреј купен во аптека, а таквите спрејови содржат и мали количества клостебол.

Налди го третирал Синер со раце на кои имало траги од тој стероид, со што го контаминирал. Независната комисија го ослободи Синер, но тој ќе ги загуби поените и парите што ги заработи на турнирот во Индијан Велс.

Веста дека светскиот рекет број 1, двапати бил позитивен на допинг тестот го потресе светот на тенисот. Многубројни се реакциите и од другите тенисери, од кои повеќето се бесни.

Австралискиот тенисер Ник Кирјос (28) на социјалните мрежи објави: “Безмислено. Без разлика дали е случајно или намерно, ако двапати сте позитивни на забранета супстанца (стероид), мора да бидете суспендирани на две години. Вашите перформанси се зајакнати. Крем за масажа, да, убаво”.

Канадскиот тенисер, Денис Шаповалов (25) коментираше за двојните стандарди: „Различни правила за различни играчи… Не можам да замислам како сега се чувствува тенисер кој е суспендиран поради употреба на некоја недозволена супстанца“.

Британскиот тенисер, Лиам Броди (30) почна дебата на социјалната мрежа Х и напиша: „Синер бил допингувал или не… Ова не е фер. Многу тенисери минуваат низ истите работи и мора да чекаат месеци или години за да ја докажат својата невиност. Ова не изгледа добро“.

На ова американскиот тенисер Тенис Сандгрен (33) вака одговорил: „Ова е смешно… Стероиди наместо масажа. АТП се грижи само за играчите кои му носат пари. Тоа е добро за бизнисот, но не и за транспарентноста и за интегритетот“.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО