Словенецот Домен Превц триумфираше денеска на скокалницата во Гармиш Партенкирхен, која беше втора станица од Новогодишната серија во рамки на Светскиот куп во скијачки скокови.
По воведниот триумф во Оберсдорф, словенечкиот ски-скокач ја потврди одличната форма и во Гармиш – Партенкирхен, остварувајќи победа со скокови од 143 и 141 метар за кои собра 303,1 бодови.
Второто и третото место го освоија австриските натпреварувачи. Втор беше Јан Херл кој доби 287,7 бодови за скокови од 141 и 131,5 м, а трет Штефан Ембахер со 287,1 бодови (134 и 141,5 м).
Со двете победи на германските скокалници, Домен Превц се приближи до вкупниот триумф на новогодишната турнеја, која досега ја освоија само двајца Словенци, постариот брат на Превц, Петер во сезоната 2015/16 и Примож Петерка (1996/97).
Превц во моментов води со 619,8 поени, пред Херл (584,8) и Ембахер (578,3).
Новогодишната турнеја во скијачки скокови продолжува на 4 јануари во Инсбрук, а традиционално ќе заврши во Бишофсхофен на 6 јануари.
ФОТО: Фејсбук
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: