Ќе има уште 100 неточни судиски одлуки по сезона доколку клубовите гласаат за укинување на видео помошникот судија (ВАР), тврди Премиер лигата.
Лигата вчера испратила документ до сите 20 клубови пред годишниот генерален состанок закажан за денеска, објаснувајќи ги причините зошто смета дека ВАР треба да остане.
Документот, според „Би-би-си“, вклучува дел за последиците доколку се отфрли ВАР-от. Меѓу многуте последици, можеби најбитната, е таа дека некоја „битна, одлучувачка одлука“ од судиите на теренот, која би била погрешна, не ќе може да се поништи доколку не постои ВАР!
Се признава дека иако укинувањето на ВАР би резултирало со помалку прекини и одолговлекување на играта, „ќе има значително повеќе грешки при судењето (околу 100 по сезона), вклучувајќи и многу спорни инциденти одлучувачки за натпреварот, потенцијално на важни натпревари.
Премиер лигата исто така наведува дека имало само пет неточни ВАР интервенции минатата сезона, во споредба со 105 точни одлуки. Ова е подобрување во однос на сезоната 2022/23, кога имало 11 погрешни одлуки, и 105 исправни ВАР одлуки.
Меѓу другите причини што се наведуваат за задржување на ВАР е тоа што Премиер лигата е „договорно посветена на значајните оперативни елементи на ВАР за следните три години“.
Премиер лигата би била единствената голема европска лига што ќе го отстранила ВАР-от, и тоа би било „потенцијално штетно“ за нејзината репутација, а англиските судии нема да добиваат големи задачи за турнирите на УЕФА или ФИФА.