Хамес Родригез некогаш беше голема ѕвезда. По фантастичниот Мундијал 2014 година, Реал Мадрид го купи од Монако за 75 милиони евра, по пто уште во првата сезона беше прогласен за најдобар играч за врска на Ла лига.
Во 2015 година, УЕФА го вклучи во најдобриот тим на годината, а подоцна беше одличен во Баерн, каде што во 2017 година влезе во најдобриот тим на Бундеслигата.
Сепак, не му одеше многу добро во последните години. Во летото 2020 година замина во Евертон како слободен играч, а по една сезона се пресели во катарскиот Ал Рајан.
Во Европа се врати во 2022 година како играч на Олимпијакос, но Грците му го раскинаа договорот во април следната година, по само 23 одиграни натпревари.
На Хамес му беа потребни речиси три месеци да најде нов клуб, а на крајот тоа беше Сао Паоло, каде што игра и денеска. Но ниту во Бразил не игра најдобро, па на 22 натпревари даде само два гола и имаше четири асистенции.
Но, и покрај слабата форма, селекторот Нестор Лоренцо го повика во репрезентацијата на Колумбија на Копа Америка, а Хамес таа доверба ја оправда на фантастичен начин.
Во финалето Колумбија загуби од Аргентина со 0Ч1, по продолженијата, но Родригез беше прогласен за најдобар играч на турнирот, со ефект од еден гол и дури шест асистенции.
Сао Паоло сега очекува да добие понуди за 33-годишниот Колумбиец, кој би сакал повторно да се обиде во Европа бидејќи сега и на светот и на себе му покажа дека сè уште не е готово со него.