Поранешниот премиер богато ќе ги награди репрезентативците на Грузија

Биџина Иванишвили, поранешниот премиер на Грузија, вети дека ќе ја награди фудбалската репрезентација на неговата земја со 8,4 милиони фунти (10 милиони евра).

Грузија, предводена од поранешниот француски дефанзивец, Вили Сањол, на селекторската позиција, синоќа ја совлада Португалија со 2:0 во Гелзенкирхен и се пласира во осминафиналето, каде што ќе игра со Шпанија, во Келн, во недела, од 21 часот.

Иванишвили (68), кој ја основа владејачката политичка партија „Грузиски сон“ и стана премиер на земјата во 2012 година, рече дека победата против Португалија е „историска и победа од соништата“.

Тој вели дека ќе го награди фудбалерите и Стручниот штаб со дополнителни 10 милиони евра доколку ја победат и Шпанија.

Иванишвили е роден во Грузија, а богатството го стекна во Русија во 1990-те со инвестиции во бизнисот со банкарство, компјутери и метали. Форбс неговото богатство го проценува на околу 3,87 милијарди фунти (4,5 милијарди евра). Од партијата „Грузиски сон“ велат дека парите ќе бидат од добротворната фондација на Иванишвили.

Тој се повлече од премиерската фотелја по само 12 месеци на функцијата, но сè уште има влијание во владејачката партија во земјата како нејзин почесен претседател.

Во април, многу играчи на Грузија што се на ЕП се изјаснија против партијата „Грузиски сон“ по објавувањето на Законот за „странски агенти“.

Законот, кој беше донесен во Парламентот во јуни, беше причина за некои од најголемите протести забележани во Грузија откако земјата прогласи независност во 1991 година. Критичарите велат дека тој закон ги загрозува нивните граѓански слободи.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО