Со мечот меѓу бранителот на титулата од 2021-та, Аргентина и Канада, ноќеска (во 2 часот) во Атланта, САД почнува 48-от фудбалски шампионат на Јужна Америка или Копа Америка. Финалето ќе се одигра во Мајами, на 14 јули.
За прв пат во историјата финалниот турнир ќе се игра надвор од Јужна Америка, во САД како дел од подготовките за завршницата на Светското првенство (СП) 2026-та на која ќе настапат рекордни 48 репрезентации.
На Копа Америка ќе настапат 16 репрезентации (од кои шест се од Конфедерацијата на Северна, Централна Америка и Карибите) поделени во четири групи од по четири екипи. Двете првопласирани од секоја група ќе се пласираат во четвртфиналната нокаут рунда.
Аргентина и Уругвај со по 15 титули се најуспешните репрезентации на Копа Америка. Бразил има девет трофеи, Парагвај, Чиле и Перу по два, а Колумбија и Боливија по еден.
Група А: Аргентина, Перу, Чиле, Канада
Група Б: Мексико, Еквадор, Венецуела, Јамајка
Група Ц: САД, Уругвај, Панама, Боливија
Група Д: Бразил, Колумбија, Парагвај, Костарика