Европската ракометна федерација (ЕХФ) го избра идеалниот тим на Европското првенство во ракомет за жени, кое во недела завршува во Виена.
Тимот беше избран со гласовите на навивачите преку апликацијата „Home of Handball“. Изборот на идеалниот тим го потврди стручна комисија составена од ракометарките Андреа Лекиќ и Ана Грос, тренерот Пер Јохансон и двајца претставници на ЕХФ.
Црногорската ракометарка Татјана Брновиќ е избрана за најдобар пивот на ЕП, Ема Фрис од Данска е најдобро лево крило, а Викторија Ѓери-Лукач (Унгарија) најдобро десно крило.
Најдобар лев бек е Тјаша Станко од Словенија, а најдобар десен бек Катрин Клајбер од Унгарија. За најдобар централен дефанзивец е избрана Норвежанката Хени Ристад, додека најдобар голман на ЕП е Ана Кристенсен од Данска.
Французинката Полет Фопа е избрана за најдобар дефанзивец на Европското првенство. Унгарката Петра Симон е прогласена за најдобра млада ракометарка на континенталниот шампионат.
Која ракометарка ќе го понесе престижното признание МВП ќе биде познато по завршувањето на финалето.
Во натпреварот за третото место на ЕП од 15 часот и 15 минути ќе играат Франција и Унгарија, а од 18 часот во финалето ќе се сретнат Данска и Норвешка.