Во Париз, на плоштадот Конкордија, синоќа свечено беа отворени Параолимписките игри (ПОИ) на кои ќе учествуваат околу 4.400 спортист(к)и од 168 земји кои ќе се натпреваруваат во 22 спорта.
Знамето на Македонија го носеше волонтерка, со оглед на тоа дека знаменосци можат да бидат само спортисти, и тоа едно машко и едно женско.
Единствената македонска спортистка на ПОИ, Оливера Наковска Бикова, во договор со тренерот и со делегацијата, одлучи да не ризикува евентуален замор или повреда на раката, да остане во Шатеру и да го искористи денот за тренинг.
Зад знамето маршираа тројца македонски претставници, максималниот број дозволен од организаторите: Драган Дојчиноски – шеф на мисија, Елвис Алексовски- лекар и Африм Јашари – параолимписко аташе на тимот.
Наковска Бикова во Париз, ќе настапи во три дисциплини. Првиот натпревар за неа е на 31 август, со воздушен пиштол, од 10 метри, на 2 септември со спорт пиштол, од 25 метри и на 4 септември со пиштол слободен избор, од 50 метри.
Наковска-Бикова е освојувачката на златен медал на ПОИ 2012 година во Лондон во дисциплината воздушен пиштол, од 10 метри.