Двојниот олимписки шампион во велосипедизам, Белгиецот, Ремко Евенепул потешко се повреди, ја скрши десната рака и реброто откако удри во отворена врата на поштенски камион на тренинг во Белгија.
По несреќата, Евенепул веднаш бил префрлен во болницата во Андерлехт, но ќе биде преместен во друга болница, во Херенталс, каде што ќе бидат направени дополнителни тестови, по што ќе се процени колку време ќе трае закрепнувањето, објави неговиот тим Судал Квик-Степ.
Белгиските медиуми објавија дека Евенепул не можел да ја избегне вратата на поштенското возило која ненадејно се отворила. Тој бил свесен по ударот кој бил толку силен што велосипедот се скршил на два дела!
Летово на Олимписките игри (ОИ) во Париз, Евенепул стана првиот велосипедист кој победил и на олимпискиот хронометар и на друмската трка. Двократниот светски шампион победи и на шпанската Вуелта во 2022 година, а годинава на Тур д’Франс беше трет.