Раководството на Саутемптон доцна синоќа го отпушти тренерот на првиот тим, Расел Мартин, објави англискиот Премиерлигаш на клупската официјална интернет страница.
Со само пет бода од 16 натпревари, Саутемптон е „закован“ за дното на табелата во Премиер лигата, а неделниот пораз на домашен терен (0:5) од Тотенхем му пресуди на Мартин.
„Можеме да потврдиме дека донесовме тешка одлука да се разделиме со Расел Мартин. На почетокот од сезоната, сите знаевме со какви предизвици ќе се соочиме годинава додека се прилагодуваме на животот во Првата лига, натпреварувајќи се во најдобрата и најконкурентна лига во светот.
Сите кои се поврзани со Саутемптон секогаш ќе имаат фантастични спомени од минатата сезона, особено од победата во плеј-офот финалето во мај, стои во официјалното соопштение.
За Мартин, 38-годишниот стручњак ова беше прво искуство во Премиер лигата, за кое се избори водејќи го Саутемптон до четвртото место во Чемпионшип минатата сезона, а потоа преку плеј-офот, со победи над ВБА и Лидс до промоција во елитата.
Саутемптон соопшти дека во следниот период, до именувањето на нов менаџер, првиот тим ќе го води Сајмон Раск, кој беше задолжен за тимот до 21 година.
Мартин е четвртиот менаџер кој доби отказ сезонава во Премиер лигата, а вториот кој остана без работа минатиот викенд. Само неколку часа пред него, Вулверхемптон го отпушти Гери О’Нил.
Првиот кој остана без работа беше Холанѓанецот Ерик тен Хаг, кој на 28 октомври доби отказ од Манчестер јунајтед, а на 24 ноември Лестер му даде отказ на Стив Купер.