Легендите на хрватскиот фудбал, Лука Модриќ и Иван Перишиќ го почнаа натпреварот на „Пољуд“ во Сплит против Португалија (1:1) со што Хрватска се пласираше во завршницата на Лигата на нации (ЛН) како второпласирана селекција во групата.
Со тоа Модриќ и Перишиќ испишаа нова страница во фудбалска историја. Тие заедно се појавија на 119 натпревари за националниот тим и станаа тандем кој одиграл повеќе натпревари од кој било друг во историјата на европскиот фудбал.
Пред нив на врвот беа Естонците Марко Кристал и Мартин Реим кои заедно настапоја на 118 натпревари, од 1992 до 2005 година.
Модриќ и Перишиќ за Хрватска првпат заедно играа пред 13 години. Тие двајца се и на врвот на листата според бројот на настапи за Хрватска. Модриќ има 184, а Перишиќ 140 меча.
Перишиќ со 33 гола се израмни на второто место меѓу најдобрите стрелци на Хрватска сите времиња со Марио Манџукиќ, зад Давор Шукер кој има дадено 45 гола. Модриќ е шести најдобар стрелец за Хрватска со 27 дадени гола.
На листата на тандеми со најмногу натпревари, најголема закана за новиот рекорд на Модриќ и на Перишиќ се Швајцарците, Гранит Џака и Рикардо Родригез.
Тие имаат одиграно 113 натпревари заедно, што значи дека заостануваат само шест натпревари. Двајцата имаат по 32 години и не би било чудно доколку продолжат со играњето за Швајцарија и ги минат Модриќ и Перишиќ.
Тандеми со најмногу натпревари заедно
1. Лука Модриќ и Иван Перишиќ – 119 натпревари
2. Марко Кристал и Мартин Реим – 118
3. Серхио Рамос и Андрес Иниеста – 117
4. Кристијано Роналдо и Жоао Мутињо – 116
5. Гранит Џака и Рикардо Родригез – 113