Невидена драма во Амстердам: Ајакс гo елиминира Панатинаикос по рекордни 34 пенали

Фудбалерите на Ајакс се пласираа во плеј-офот во Лига Европа (ЛЕ) откако го елиминираа Панатинаикос по серија од по 17 изведени пенали! Ајакс победи на првиот меч во Атина со 1:0, но грчкиот тим возврати во Амстердам, победувајќи со истиот резултат, со голот на Тете во 89. минута!

Бидејќи немаше натамошна промена на резултатот, победникот беше решен по изведувањето пенали, по дури 17 серии и 34 удари. Тоа беше најдолгото изведување пенали во историјата на европските натпреварувања.

Холандскиот голман, Ремко Пасвер стана херој одбранувајќи пет пенали. Интересно, напаѓачот на Ајакс, Бреин Броби промаши два удара од белата точка, додека дефанзивецот на грчкиот клуб, Хрватот Тин Једвај реализираше два удара од белата точка, но Ајакс сепак мина.

Веќе во првата серија домашниот голман, Пасвер го одбрани ударот на Даниело Манчини. Следните осум играчи беа сигурни, па Брајан Броби имаше шанса да го однесе Ајакс во плеј-офот, но Бартломеј Драговски го одбрани неговиот удар спасувајќи ги Грците.

Ново промашување имаше во седмата серија. Немања Максимовиќ шутираше, а Пасвер одбрани. Ајакс доби нова шанса, но Бертранд Траоре шутираше над голот.

Во 16-та серија, Пасвер му одбрани удар и на Филип Младеновиќ, а Броби имаше уште една можност да слави, но повторно пропушти шанса да го одведе својот тим до победа. Овој пат шутираше над голот. Одлуката беше донесена во 17-та серија. Вилхена не постигна гол, а Гаи го даде победничкиот за Ајакс.

Во плеј-офот на ЛЕ, Ајакс ќе игра против полска Јагелонија , додека Панатинаикос ќе се соочи со францускиот Ленс, во плеј-офот на Лигата на конференции (ЛК).

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО