Неверојатниот Кејн го сруши рекордот на Роналдо и Халанд со 100. гол за Баерн

Хари Кејн сруши уште еден неверојатен рекорд , станувајќи најбрзиот играч што стигнал до 100 гола за клуб во првите пет европски лиги од 1992 година. Капитенот на Англија постигна два гола во убедливата победа на Баерн од 4-0 над Вердер.

Тимот на Венсан Компани поведе со голот на Џонатан Тах, Кејн го дуплираше водството кон крајот на првото полувреме откако реализираше пенал. Неговиот втор гол, неговиот 100-ти во дресот на баварскиот гигант, дојде во 65-тата минута со удар од блиску. Конрад Лајмер го зголеми резултатот на 4-0, а Баерн ја прдолжи серијата без пораз од почетокот на сезоната.

Со ова достигнување, 32-годишниот Кејн, кој се приклучи на Баерн од Тотенхем во летото 2023 година за 95 милиони евра (според Трансфермаркт), ги надмина некои од најголемите напаѓачи на денешницата. За да стигне до 100 гола, му беа потребни само 104 настапи, со што ги престигна претходните рекордери, Ерлинг Халанд и Кристијано Роналдо, за еден натпревар.

Хари Кејн (Баерн), 104 настапи, 100 гола

Ерлинг Халанд (Манчестер Сити), 105 настапи, 100 гола

Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), 105 настапи, 100 гола

Луис Суарез (Барселона), 120 настапи, 100 гола

Златан Ибрахимовиќ (ПСЖ), 124 настапи, 100 гола

„Лудо е дури и за мене. Чест е да постигнам 100 гола за овој голем клуб. Да го направам тоа толку брзо, многу сум горд на тоа. Се надевам дека наскоро ќе стигнам до уште 100“, рече Кејн, користејќи ја можноста да ги негира гласините за враќање во Премиер лигата:

„Навистина сум среќен овде во Баерн. Имам уште две години од мојот договор. И искрено, уживам во секоја минута од тоа. Уживам играјќи овде пред навивачите. Уживам со тимот, менаџерот. Значи, воопшто не ми е на ум. Само се радувам на оваа сезона и се надевам дека ќе можеме да бидеме успешни.“

Кејн е во неверојатна форма во моментов, постигна 15 гола во само осум натпревари оваа сезона. Неговиот 100-ти гол дојде кратко откако постигна хет-трик во победата од 4-1 над Хофенхајм, со што стигна до 70 гола во Бундеслигата во 67 настапи, побрзо од кој било друг во историјата.

Тој го држи и рекордот за најмногу голови во првите 50 натпревари (54) и за најбрзо постигнати 50 гола (43 натпревари). Покрај тоа, реализираниот пенал во петокот значи дека бил прецизен со сите 18 шутеви од белата точка за баварскиот гигант.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО