Наваро и „пресуди“ на ланската победничка на САД опен

Американката, 12-та светска тенисерка, Ема Наваро (23) продолжува со сензационалните резултати годинава. На Вимблдон, таа ја нокаутира Наоми Осака, четирикратната грен слем победничка, потоа и Коко Гоф, тогаш втората светска тенисерка и се пласира во четвртфиналето.

Наваро продолжи со добрите игри и со изненадувањата и на САД опен. Во осминафиналето таа повторно ја совлада Гоф, ланскатаа шампионка во Њујорк, со 6:3, 4:6, 6:3.

Наваро, 13-та фаворитка, одлично го почна мечот против треторангираната светска тенисерка. Во средината на првиот сет направи брејк што го сочува до крајот. Во вториот сет поведе со 4:3, но Гоф потоа освои три гема по ред и израмни на 1:1 во сетови.

Сепак, во третиот сет Наваро направи брејк и поведе со 4:3, а потоа го „затвори“ мечот со уште еден брејк. Со оваа победа Наваро ја спречи Гоф во обидите да стане првата тенисерка што ја одбранила титулата на САД опен по Серена Вилијамс во 2014 година.

Исто така, 23-годишната Наваро е најмладата Американка што стигнала до четвртфиналето на Вимблдон и на САД опен во истата година, по Вилијамс во 2004 година.

Во следната рунда Наваро ќе игра против 26-та носителка, Шпанката Паула Бадоса која ја совлада Ванг Јафан од Кина, со 6:1 6:2.

Наваро пред два месеца стана главна приказна на Вимблдон, не затоа што ја победи Осака, која е далеку од славните денови, туку затоа што е побогата од Ѓоковиќ (184 милиони долари заработка во кариерата), Надал (134) и Федерер (130) заедно.

Како е тоа можно ако освоила само еден турнир во кариерата и заработила 2,3 милиони долари? Тоа е затоа што е ќерка на Бен Наваро, банкар и инвеститор „вреден“ 3,5 милијарди долари.

Таткото милијардер верно ги следи напорите на неговата ќерка да се пробие во Топ 10. Таа годинава игра најдобро во кариерата, го освои првиот и досега единствен турнир во Хобарт, Австралија на почетокот од 2024-та.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО