На денешен ден, на Олимписките игри (ОИ) во Лондон 2012 година, Мајкл Фелпс влезе во историјата како спортист со најмногу освоени медали на ОИ. Тоа беше големо достигнување за тогаш 27- годишниот американски спортист.
Фелпс се натпреваруваше и на ОИ 2016 година во Рио, и додаде уште шест медали на тогаш веќе рекордниот број.
Пред него, најмногу олимписки медали имаше освоено советската гимнастичарка, Лариса Латинина, која во 12-годишна олимписка кариера освои 18 медали, по шест на Игрите на кои настапи (во Мелбурн 1956, Рим 1960 и во Токио 1964-та).
Фелпс е роден во 1985 година, а веќе во 2000 година, на 15- годишна возраст, настапи на првите ОИ во Сиднеј, но не успеа да освои медал. Веќе следната година го постави првиот рекорд во дисциплината пеперутка на 200 метри.
На ОИ во Атина 2004 година почнува неговото време. Освои вкупно осум медали, од кои шест златни. Посебно се покажа во дисциплината пеперутка во која беше убедливо најдобар.
Но, тоа беше само почеток. Четири години подоцна дојде во Пекинг каде што повторно освои осум медали, но овој пат сите беа златни! Со вкупно 16 медали на ОИ, на само 23 години, рекордот на Лариса Латинина беше загрозен.
Потоа дојдоа ОИ во Лондон 2012 година, каде што освои дополнителни шест медали, од кои четири златни. На 31 јули 2012 година ја исплива трката на 200 метри пеперутка и го освои второто место.
Тоа беше најважниот сребрен медал во историјата на ОИ, а покрај американскиот тим се собраа и други пливачи да му честитаат на рекордерот.
Фелпс тука не застана, се појави и на Игрите во Рио 2016 година и освои уште пет златни и еден сребрен медал. Тој освои вкупно 28 медали, со што ја надмина Латинина и го зацврсти статусот на спортска легенда. Вкупно од ОИ тој има 23 златни, три сребрени и два бронзени медала.