Хрватскиот интернационалец, Марко Баковиќ (31 год, 205 см) и во следниот период ќе настапува во дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска ја обнови соработката со клубот од Аеродром.
Станува збор за крилен центар, кој беше еден од најзаслужните за освојување на двојната круна во минатата сезона. Тој имаше забележителни настапи и во АБА2-лигата, каде што на 16 меча на кои просечно реализираше 11,3 поени заедно со 4,9 скока. Баковиќ во Аеродром дојде од таборот на Цибона, а претходно го носеше дресот на Горица како и за исландскиот тим Тор.
Хрватот е осмиот кошаркар под договор за претстојната сезона, а трет кој летово ја обнови соработката, по браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Тука е и засилувањето од САД, Брандон Слај, како и староседелците Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ, а во следниот период клубот најави дека ќе ги објави имињата и на новите засилувања.