Абердин ја забележа втората победа во новиот шампионат во шкотската Премиер лига против Сент Мирен, 3:1 на кој навивачите очигледно се збогуваа со македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски (25).
Напаѓачот, кој постигна 44 гола на 97 меча за Абердин во минатите две години, и кариерата најверојатно ќе ја продолжи во шпанската Џирона, делуваше многу емотивно додека им отпоздравуваше на симпатизерите по мечот на кој беше резерва, и влезе во игра пред крајот за да се прости од нив.
– Не можам да кажам ништо за тоа. Се’ уште постои силно интересирање за него, но сепак тој е тука. Тоа е се’ што можам да кажам, рече по мечот манаџерот на Абердин, Џими Телин.
Реагирајќи на неговото влегување во игра во последните моменти, еден навивач на Абердин напиша на социјалните мрежи: „Ти благодарам и Збогум сладок принцу“. Друг напиша: „Имам чувство дека се збогуваме“. Друг пак додаде: „Ти благодарам Бојан“.
Како што стојат работите, допрва треба да се склучи договорот со Џирона која сезонава ќе игра во Лигата на Шампиони (ЛШ). Шпанците нудат четири милиони фунти, но Абердин бара повеќе пари, плус бонуси.
Наводно има и други европски клубови заинтересирани за Миовски, кој пак изјави дека преселбата во тимот од Ла лига останува негова желба летово.