Меси и Суарез имаат нов тренер во Интер Мајами

Поранешната аргентинска фудбалска ѕвезда, Хавиер Маскерано е именуван за нов тренер на Интер Мајами, објави американскиот клуб.

Маскерано (40) потпиша договор до крајот на сезоната 2027 и повторно ќе се здружи со поранешните соиграчи од Барселона, Лионел Меси, Жорди Алба, Серхио Бускетс и Луис Суарез.

Назначувањето на Маскерано доаѓа по заминувањето на Жерар Мартин, кој во петокот го напушти клубот од лични причини.

Интер Мајами беше најуспешниот клуб во регуларниот дел од МЛС сезоната, но надежите за освојување на купот завршија во првиот настап во плеј-офот, откако во осминафиналето загубија од Атланта јунајтед.

По завршувањето на играчката кариера, во декември 2021 година, Маскерано стана селектор на аргентинската репрезентација (до 20 години) и ја предводеше Аргентина до четвртфиналето на Олимписките игри (ОИ) во Париз.

– Да можеш да водиш клуб како Интер Мајами е чест и привилегија која ќе се обидам да ја искористам максимално. Со нетрпение очекувам да работам и да му помогнам на клубот да достигне нови височини и да им овозможи на навивачите повеќе незаборавни моменти, изјави  Маскерано за официјалната  интернет-страница на Интер Мајами.

Во текот на играчката кариера, Маскерано забележа повеќе од 350 настапи за Барселона, со која двапати ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), пет пати беше шампион на Шпанија и пет пати триумфираше во Копа дел Реј.

За Аргентина играше 147 пати, а единствен пред него според бројот на настапи е денешниот капитен на репрезентацијата и на Интер Мајами, Лионел Меси.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО