Утрешниот дуел меѓу Интер и Торино ќе влезе во историјата на италијанскиот фудбал, а причината за ова е што тоа ќе биде првиот натпревар во Серија А на кој ќе суди судиска тројка која целосно е од женски пол.
Главен судија на натпреварот во Милано ќе биде Марија Капути, а помошни судии – Франческа Ди Монте и Тицијана Трашати.
Досега нешто слично се случуваше во Серија Б и Купот на Италија, но не и во италијанската елита.
33-годишната Капути е на списокот на судии во Серија А од летото 2022 година. Минатата година таа стана првата Италијанка што судела меѓународен натпревар во машкиот фудбал – двомечот меѓу Германија и Перу.