Мбапе: Со зголемувањето на бројот на натпревари фудбалот ќе стане како НБА

Ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе, предупреди на опасноста од преоптоварување на играчите, во услови на проширени формати на Лигата на шампиони (ЛШ) и на клупското Светско првенство (СП).

Елитната ЛШ во наредните години ќе се промени со укинувањето на старата групна фаза и преоѓање во нова лига и нокаут формат, со дополнителни четири екипи и повеќе натпревари.

Светската фудбалска федерација (ФИФА), исто така објави дека на клупското СП од 2025 година ќе настапуваат по 32 тима. Од 2026 година на СП ќе играат по 48 репрезентации.

Мбапе вели дека не му пречи да игра почесто, но смета дека со тоа ќе страда квалитетот на фудбалот.

-Се приближуваме до моделот на НБА со 70-на натпревари во сезона. Во НБА, играчите не играат на секој натпревар и клубовите практикуваат нивно одморање. Но ако јас сега кажам „уморен сум, нема да играм во сабота“, тоа нема да функционира. Гледачот кој си го плаќа билетот и кој можеби ќе ве види само еднаш во сезоната, сака да биде сведок на претстава достојна за името и тоа е нормално. Не сакам да држам лекции, но мора да размислуваме заедно за да понудиме најдобро можно шоу, вели Мбапе.

Мбапе не е првиот играч кој ги истакнува потенцијалните проблеми во врска со навидум бескрајната експанзија на фудбалот. Неговиот поранешен соиграч од Франција, Рафаел Варан, тврди дека кариерите на играчите ќе бидат „многу пократки“ како резултат на пречестото играње.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО