Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на средбата со медиумите порача дека ФФМ во 2025 ја исполнила целата програма што ја најави на почетокот на неговиот мандат. Тој зборуваше за изборот на нов селектор, реформите во младинските категории, стабилизацијата на финансиското работење, судиските стандарди, инфраструктурните проекти и понатамошната реорганизација. Омерагиќ истакна дека во фудбалот е воведен нов ред, а пред репрезентацијата и федерацијата претстои година во која, како што рече, „најважно е сите да бидеме сплотени пред баражот со Данска“.
Говорејќи за изборот на нов селектор, Омерагиќ објасни дека разделбата со Благоја Милевски била долга и внимателно анализирана, но нужна.
-Дојдовме до заклучок дека е потребна нова енергија. Милевски им беше селектор на играчит10 години и нормално е дека со толку долг период доаѓа до пад на енергијата, рече тој.
Додаде дека очекува националниот тим да влезе во баражот против Данска со поголем интензитет и мотивација.
-Мислам дека со оваа промена и во баражот ќе настапиме со повеќе енергија, порача претседателот на ФФМ, оставајќи го финалниот суд на времето, бидејќи, како што рече, „во фудбалот нема правило дека секогаш го правите најточниот избор“.
Омерагиќ се осврна кратко и на реакцијата на Игор Ангеловски по назначувањето на Горан Седлоски, оценувајќи ја како некоректна, со порака дека критиките треба да доаѓаат по резултати, а не пред нив.
-Имавме убава презентација на новиот селектор со убава порака за обединување. Човечки, културно и спортски е да се даде поддршка за избраниот. Кога бирате има 10 опции, а бирате една. Ангеловски некои свои лични амбиции ги стави пред репрезентацијата. Би сакал да каже кои се личните интереси кои ги имаме. Јас немам такви, работам про-боно. Крајно некоректно беше веднаш да реагира, можеше да почека. Тоа кажува само за себе, рече меѓу другото тој.
Зборувајќи за квалитетот на судењето, оцени дека оваа сезона била најстабилна во последните години. Тој најави дека од наредната полусезона секој клуб ќе може да го слушне аудио образложението за секоја спорна судиска одлука, со порака: „Ние немаме што да криеме“.
Масар Омерагиќ
Во однос на развојните политики, Омерагиќ нагласи дека ФФМ веќе ја реорганизирала академијата, ја поставила младинската структура на нови основи и дека резултатите се видливи. Тој повтори дека скратувањето на Првата лига од 12 на 10 клубови било исправна одлука и дека следниот логичен чекор е и Втората лига да се намали на 12 екипи, во согласност со новиот регионален модел што треба да го засили организацискиот систем на Федерацијата. Паралелно, се анализира, посочува тој, дали Третата лига воопшто треба да опстане во актуелна форма.
Финансиски, Омерагиќ увери дека Федерацијата работи штедливо, дека во споредба со претходната година трошоците за угостителски услуги се намалени за 9 до 10 милиони денари, а во меѓувреме се набавени околу 15 нови возила без зголемување на потрошувачката на гориво.
И покрај стабилната состојба и „солидните спонзори“, тој предупреди дека најголем предизвик останува обезбедувањето средства за големите инфраструктурни проекти и сподели дека во неколку градови веќе работат на подобрување на инфраструктурата.
Омерагиќ зборуваше и за фудбалот во женска категорија, каде што, како што откри, на селекторот му било дадено целосно овластување да направи „комплетна реорганизација“ и сите квалитетни фудбалерки од У17 и У19 да преминат во А-селекцијата.
-Подготвени сме да чекаме, дури и преку порази, ако тоа значи дека тимот ќе созрее, додаде тој.
Запрашан за личниот интерес околу неговиот син, капитенот на Вардар, Азар Омерагиќ, претседателот категорично одговори дека не се меша во неговата кариера и дека играл фудбал и пред тој да стане претседател на ФФМ. Воедно потврди дека ФФМ води разговори со повеќе фудбалери во странство со македонско потекло за настап под државниот дрес.
Претседателот на ФФМ упати и апел за обединување.
-До баражот со Данска сите да бидеме сплотени и да дадеме поддршка на репрезентацијата, рече Омерагиќ. ар/вг/
Фото:МИА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: