Францускиот пливачки херој, Лион Маршан, покажа и вечерва дека е во неверојатна форма на Олимписките игри во Париз. Во претходните дена францускиот пливач се закити со три златни медали, а својата доминација во Париз ја потврди и вечерва, со нова победа и златен медал.
На трката 200 метри мешано Маршан беше многу подобар од конкуренцијата и долго време го бркаше светскиот рекорд. Сепак, попушти во финишот и не успеа да го собори, но секако дека е задоволен со своето ново олимписко злато.
Французинот трката ја заврши со време од 01:54.06. Сребрениот медал го освои Скот од Велика Британија, а бронзата заврши на градите на Ванг од Кина.