Лига на нации: Македонија вечерва ќе ги дознае противниците

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (18 часот) на ждрепката во Париз ќе ги добие ривалите во четвртата сезона на Лигата на нации (ЛН).

Натпреварите од групната фаза во лигите А, Б, Ц и Д ќе се играат есенва, во термините од 5 до 10 септември, од 10 до 15 октомври и од 14 и 19 ноември. Финалето кое ќе го организира една од четирите репрезентации што ќе се пласираат во полуфиналето, ќе се одржи во јуни 2025 година.

Вкупно 54 репрезентации се поделени во четири лиги врз основа на резултатите во ЛН во сезоната 2022/2023. Селекциите за ждрепката се поделени во барабани, повторно врз основа на рангирањето во ЛН во таа сезона.

Македонија е во третиот барабан за ждрепката во лигата Ц, заедно со Словачка, Северна Ирска и со Кипар.

Можни ривали на Македонија од другите барабани се Романија, Шведска, Ерменија и Луксембург во првиот, Азербејџан, Косово, Бугарија и Фарски Острови во вториот, Белорусија, Естонија, Летонија и Литванија или Гибралтар (ќе биде познато по плејаутите за сезоната 2022/2023, во март годинава) во четвртиот.

УЕФА ја формира ЛН за да ги минимизира бесмислените пријателски натпревари и да им овозможи на репрезентациите натпреварувачки средби со слично рангирани селекции.

Новата сезона на ЛН ќе биде проширена со нова нокаут-рунда, која ќе се игра во март 2025 година, со што ќе се создаде континуитет помеѓу групната фаза, која завршува во ноември, и финалето закажано за јуни.

Претходни победници на ЛН беа Португалија во 2019 , Франција во 2021 и Шпанија во 2023 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО