Американката Кејти Ледецки (27) се потврди како „кралица“ на долгите патеки. Таа во Париз победи во трката на 1.500 метри слободно со време на нов олимписки рекорд, 15:30,02 минути и ја одбрани титулата од Токио 2021-та.
За Ледецки тоа беше осмо олимписко злато во кариерата со што се израмни со сонародничката Џени Томпсон која во периодот меѓу 1992 и 2004 година освои осум златни, три сребрени и еден бронзен медал.
Ледецки која првиот златен медал го освои во Лондон 2012 година, на 15 години, има три злата на 800 метри слободно, и по еден на 200 и 400 метри и во штафетата на 4х200 метри слободно.
Таа утре ќе се натпреварува и на 800 метри слободно, дисциплина во кој е трикратна олимписка шампионка и светска рекордерка.
Уште една победа би значела дека Ледецки ќе го израмни и рекордот на гимнастичарката, Лариса Латинина, најуспешната олимпијка во кој било спорт. Таа освои девет злата за Советскиот Сојуз, од 1956 до 1964 година.