Јужноамерикански криминалци, специјално обучени и организирани, оперирале на ОИ во Париз!

Тимови јужноамерикански криминалци, специјално обучени и добро организирани, оперирале за време на Олимписките игри (ОИ) во Париз, и главно биле насочени кон туристите, соопштија француските власти во доверлива белешка.

Белешката посветена на активностите на овие банди нагласува голем број апсења на државјани од Јужна Америка, особено од Чиле, Еквадор, Перу и Колумбија кои се обвинети за криминални дејствија за време на ОИ.

Организирани во групи од три до пет лица, мажи и жени, на возраст од 30 до 50 години, специјалисти за џепни кражби, тие таргетирале странски туристи, главно во јавниот превоз или во хотели

Овие банди во белешката се опишани како „многу мобилни и поврзани со меѓународни криминални организации” и специјализирани за кривични дела џепни кражби, провални кражби, измами и слично.

Членовите на овие структури, кои на кражбата гледаат како на „вистинска професија“, меѓу себе ја пренесуваат „културата на кражби извршени во странство“, а честопати имаат и шпански дозволи за престој, земјата што ја користат како порта и како база.

Меѓу другото, тие украле камера од 15.000 евра која емитувала слики од натпревари во нуркање во Олимпискиот воден центар во Сен Дени, северно од Париз. Истрагата за овој тим доведе до апсење на тројца мажи и една жена, сите од колумбиска националност, на почетокот од август.

Истражителите откриле лаптопи, накит, луксузни часовници, готовина, како и волонтерска облека со натпис „Париз 2024“ што ја користеле криминалците и акредитација украдена од американски спортист.

Во средината на август тие биле осудени на две години затвор, како и со забрана за влез во Франција 10 години по истекот на казната.

На другите јужноамерикански тимови, според белешката, им биле обезбедени дури и лажни акредитации и лажни нараквици за пристап до олимписките борилиша и до олимпиското село, како и лажни лични карти и лажни прес-картички.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО