Во првенството на Италија се одиграни 15 натпревари, а Јувентус е единствениот тим во Серија А кој досега нема пораз. Парадокс е што Јуве е без пораз, а има историски лош почеток на сезоната, бидејќи во изминатите 14 години, само еднаш освоил помалку поени по толку одиграни натпревари.
Екипата на Јувентус во изминатите 15 натпревари забележа шест победи, но дури девет пати ремизираше, па со 27 бодови го држи шестото место на табелата.
Заостанува седум бода зад лидерот Аталанта. Според “Газета дело Спорт“, во последните 14 години Јувентус само во сезоната 2021/22. имаше помалку бодови по 15 натпревари отколку во тековното првенство.
Клубот од Торино тогаш беше предводен од Масимилијано Алегри, а по седум победи, три нерешени и пет порази имаше 24 бода. Јувентус таа сезона ја заврши на четвртото место во Серија А со 70 бодови.